Monday, April 23, 2012

Среда, 2 мај



 Поседување (Possession)

Среде поделениот Берлин за време на Студената војна, една жена го напушта семејството од непознати причини. Сопругот се обидува да ја открие вистината и започнува да ја следи неговата сопруга. Најпрво се сомнева дека е инволвиран друг маж, но во својата потрага тој открива многу чудно однесување и низа на бизарни инциденти, нешто повеќе од една посесивна љубовна афера. Ова е еден од најуникатните хорор филмови на сите времиња кој содржи неповторлива актерска изведба од страна на Аџани. Овој филм во кој потребата за поседување на брачните другари од едно психичко ниво преминува во телесен посед на мистериозни сили. Ова е едно од најинтимните и најсурови филмски остварувања на Жулавски, урнек на телесниот хорор поджанр и раритет кој мора да се погледне во целост без удел на цензорите, во неговата најмоќна форма.

Држава: Франција/Германија
Година: 1981
Времетраење: 127 минути
Режија: Андржеј Жулавски
Сценарио: Андржеј Жулавски, Фредерик Тутен
Улоги: Изабела Аџани, Сем Нил, Маргит Карстенсен, Хајнц Бенент


Денот на ѕверот (El dia de la bestia)

Воден од заклучоците базирани на кабалистичко истражување на Библијата, баскиски свештеник утврдува дека антихристот ќе се роди на Божиќ во Мадрид. Со помош на еден металец и водител на езотерична ТВ пограма, свештеникот ќе се обиде да го повика Ѓаволот за да открие каде ќе се роди неговото дете и потоа да го убие. „Денот на ѕверот“ е една од најдобрите хорор комедии на сите времиња, филм кој своевремено има освоено тон награди за потоа од необјасниви причини да биде заборавен. Филмот има прекрасни комични сцени кои го потенцираат режисерскиот потенцијал на Иглесија, поигрувајќи си со холивудските стереотипи во поглед на ритуалните инвокации на Сатаната и принесувањето на неопходната жртва. Одлична пародија на христијанскиот фанатизам, смела бурлеска, забава за целото семејство.

Држава: Шпанија
Година: 1995
Времетраење: 103 минути
Режија: Алекс де ла Иглесија
Сценарио: Алекс де ла Иглесија, Хорхе Герикаечеверија
Улоги: Алекс Ангуљо, Армандо де Раза, Сантијаго Сегура

No comments:

Post a Comment