Monday, April 23, 2012

Среда, 2 мај



 Поседување (Possession)

Среде поделениот Берлин за време на Студената војна, една жена го напушта семејството од непознати причини. Сопругот се обидува да ја открие вистината и започнува да ја следи неговата сопруга. Најпрво се сомнева дека е инволвиран друг маж, но во својата потрага тој открива многу чудно однесување и низа на бизарни инциденти, нешто повеќе од една посесивна љубовна афера. Ова е еден од најуникатните хорор филмови на сите времиња кој содржи неповторлива актерска изведба од страна на Аџани. Овој филм во кој потребата за поседување на брачните другари од едно психичко ниво преминува во телесен посед на мистериозни сили. Ова е едно од најинтимните и најсурови филмски остварувања на Жулавски, урнек на телесниот хорор поджанр и раритет кој мора да се погледне во целост без удел на цензорите, во неговата најмоќна форма.

Држава: Франција/Германија
Година: 1981
Времетраење: 127 минути
Режија: Андржеј Жулавски
Сценарио: Андржеј Жулавски, Фредерик Тутен
Улоги: Изабела Аџани, Сем Нил, Маргит Карстенсен, Хајнц Бенент


Денот на ѕверот (El dia de la bestia)

Воден од заклучоците базирани на кабалистичко истражување на Библијата, баскиски свештеник утврдува дека антихристот ќе се роди на Божиќ во Мадрид. Со помош на еден металец и водител на езотерична ТВ пограма, свештеникот ќе се обиде да го повика Ѓаволот за да открие каде ќе се роди неговото дете и потоа да го убие. „Денот на ѕверот“ е една од најдобрите хорор комедии на сите времиња, филм кој своевремено има освоено тон награди за потоа од необјасниви причини да биде заборавен. Филмот има прекрасни комични сцени кои го потенцираат режисерскиот потенцијал на Иглесија, поигрувајќи си со холивудските стереотипи во поглед на ритуалните инвокации на Сатаната и принесувањето на неопходната жртва. Одлична пародија на христијанскиот фанатизам, смела бурлеска, забава за целото семејство.

Држава: Шпанија
Година: 1995
Времетраење: 103 минути
Режија: Алекс де ла Иглесија
Сценарио: Алекс де ла Иглесија, Хорхе Герикаечеверија
Улоги: Алекс Ангуљо, Армандо де Раза, Сантијаго Сегура

Вторник, 1 мај



Потстанарот (Le locataire)

Среде Париз од средина на 1970-те, повлечениот бирократ Трелковски изнајмува апартман во кој претходната потстанарка – египтолог – има извршено самоубиство. Соседите на Трелковски започнуваат чудно да се однесуваат, наметнувајќи му чудни правила според кои треба да се однесува. Тој ја посетува поранешната потстанарка во болница и по нејзината смрт смета дека постои некаков заговор против него од страна на соседите за да го присилат и тој да изврши самоубиство. Ова е дел од апартманската трилогија на филмови на Полански која ја сочинуваат и „Розмариното бебе“ и „Одбивност“. Овој клаустрофобичен филм е едно од најквалитетните филмски остварувања на Полански, рендген на едно полудување на главниот лик, буквар на сето тоа што треба да го има еден модерен психолошки хорор.

Држава: Франција
Година: 1976
Времетраење: 126 минути
Режија: Роман Полански
Сценарио: Роман Полански, Жерард Брах
Улоги: Роман Полански, Изабела Аџани, Мелвин Даглас, Шели Винтерс


Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness)

Писателот Сутер Кејн исчезнува и никој не може да го пронајде. Џон Трент оди во потрага по него, а следејќи ги неговите чекори го открива неговиот авторски свет и бизарностите кои ги носи со својата реалистичност. Дали уметничкиот свет е само фигмент на имагинацијата на некој писател или е место кое со својата опскурност постои во реалноста? Овој филм евидентно ја црпи својата инспирација од богатата литературна ризница на двајцата великани на хорор жанрот, Х.П. Лавкрафт и Стивен Кинг. Целиот филм функционира како еден бесконечен кошмар лебдејќи помеѓу реалноста и фикцијата. Ова е едно од најзначајните хорор остварувања во САД во деведесеттите години на минатиот век, а според многумина и последното вистинско ремек дело на Џон Карпентер.

Држава: САД
Година: 1994
Времетраење: 95 минути
Режија: Џон Карпентер
Сценарио: Мајкл де Лука
Улоги: Сем Нил, Џули Кармен, Јурген Прохнов, Дејвид Вернер

Понеделник, 30 април




Црн Сабат (I tre volti della paura)

Оваа хорор антологија прераскажана од страна на Борис Карлоф е составена од три сегменти. Првиот е адаптација на дело на Чехов, приказна за медицинската сестра која ќе го украде прстенот на една мртва жена која се смета дека била медиум. Втората приказна е адаптација на дело на Снајдер, приказна за убиецот кој им се заканува на своите жртви со телефонски повици. Третата приказна е адаптација на дело на Толстој, приказна во која еден прогонувач на вампири и самиот станува еден од нив и започнува да ги убива неговите најблиски. Оваа антологија е многу значајна за колоритната естетика на Бава и модернизацијата на италијанскиот хорор филм. Квентин Тарантино има изјавено дека оваа антологија била голема инспирација за неговиот „Евтини приказни“. Една од најзначајните италијански филмски антологии на сите времиња со раритетната изведба на Борис Карлоф во улога на вампир.

Држава: Италија
Година: 1963
Времетраење: 92 минути
Режија: Марио Бава
Сценарио: Марио Бава, Алберто Бевилаква, Марчело Фондато
Улоги: Борис Карлоф, Микеле Мерсиер, Лидија Алфонси, Сузи Андерсон


Не гледај сега (Don't Look Now)

Џон и Лаура Бекстер се во Венеција каде се сретнуваат со две повозрасни сестри. Една од нив смета дека е видовита и дека го забележува духот на починатата ќерка на Бекстерови како се движи по улиците. Џон одбива да верува во такво нешто, но Лаура е заинтригирана од можноста за конечно помирување со болното минато. „Не гледај сега“ е филм во кој привиденијата стануваат реалност, а реалноста само привид, притоа вешто инкорпорирајќи ритуали од окултистичка проминенција во модерна Венеција. Базиран на делото на Дафне де Мауриер и со музиката на Пино Донаџио кој подоцна ќе соработува со Брајан де Палма, Џо Данте и други, „Не гледај сега“ е магнум опусот на извонредниот Николас Роег.

Држава: САД
Година: 1973
Времетраење: 110 минути
Режија: Николас Роег
Сценарио: Алан Скот, Крис Брајант
Улоги: Џули Кристи, Доналд Сатерленд, Хилари Мејсон

Недела, 29 април



Ноќта на живите мртовци (Night of the Living Dead)

Во овој независен црно-бел хорор филм мртвите оживуваат и се враќаат помеѓу живите за да ги убијат и изедат. Мала група на преживеани луѓе се барикадира на една фарма која истовремено претставува и нивна заштита и нивен затвор. Колку што е ова филм за зомбијата кои демнат во ноќта, толку е и филм за луѓето кои се забарикадирани во куќата, за нивната алчност, кукавичлук, подреденост, страв, наивност и глупост. Во суштина, „Ноќта на живите мртовци“ е безнадежен филм против неуспехот на хипи движењето и суровата реалност на Виетнамската војна чии што одблесоци се парафразирани во моќна „cinema verite“ стилизација. Филмот ја има направено една од најзначајните филмски револуции до ден денес, разнесувајќи ги ширум портите за архетипот на зомбито, но и воопшто, воведувајќи ја ерата на графички експлицитниот хорор филм.

Држава: САД
Година: 1968
Времетраење: 96 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро, Џон А. Русо
Улоги: Двејн Џонс, Карл Хардман, Мерилин Истман, Џудит О Ди, Бил Хинзман


Зора на мртвите (Dawn of the Dead)

Епидемијата на зомбијата ја добива својата експанзија и низ американските метрополи, заменувајќи го секојдневието со хаос и пустош. Репортер, неговата девојка и двајца специјалци наоѓаат засолниште од живите мртовци во еден трговски центар кој е опседнат до врв со зомбија, но претставува и мета на група милитантни моторџии. Овој филм е една огромна сатира на американското конзумерско општество, филм во кој заробениците во трговскиот центар може да имаат што ќе посакаат, сé што може да се купи за безвредни пари, освен нивната слобода. Во филмот заробениците поминуваат низ еден емоционален рингишпил, каде моментите на среќа и радост се комбинираат со миговите на безизлезност и пораз. Филмот ќе остане запаметен по одличната соработка меѓу Ромеро и мајсторот на специјалните ефекти Том Савини.

Држава: САД
Година: 1978
Времетраење: 126 минути
Режија: Џорџ А. Ромеро
Сценарио: Џорџ А. Ромеро
Улоги: Дејвид Емџ, Кен Фори, Скот Рејнигер 
 

Сабота, 28 април



Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust)

Харолд Монро, професор по антропологија од Њујорк при посета на Амазон открива документарен филм сниман од тричлена екипа што се води за исчезната. По враќање во Големото јаболко тој детално го прегледува филмот, постепено запознавајќи се со чудовишната страна на „цивилизираната“ филмска екипа и мистеријата зад нејзиното исчезнување. Овој неповторлив и уникатен филм за односите меѓу припадниците на примитивната заедница и модерното општество своевремено беше забранет за прикажување ширум светот. Далеку пред своето време, „Холокауст на канибалите“ претставува и појдовна точка за современи класици како „Вештерката од Блервич“ и „REC“.

Држава: Италија
Година: 1980
Времетраење: 95 минути
Режија: Руџеро Деодато
Сценарио: Џианфранко Клерици
Улоги: Роберт Керман, Франческа Кијарди, Пери Пирканен


Треска (Shivers)
а.к.а. Тие дојдоа одвнатре (They Came from Within)

Станарите на една зграда во Торонто стануваат инфицирани манијаци кои преку сексуален контакт ја шират својата инфекција, како вампири кои трагаат по крв. Причината за ваквото однесување се генетички модифицирани паразити кои предизвикуваат инфицираните да ги срушат своите инхибици. Нивниот создавач е научник кој сфаќајќи што сторил во својот обид да му помогне на човештвото убива една девојка, а потоа се самоубива. Прв долгометражен филм на тогаш младиот и неискусен, а сега виртуозен генијалец Дејвид Кроненберг, суров филм кој го содржи есенцијалот на неговата бескомпромисна поетика и естетика на спознавањето на човечкиот организам заедно со семето на уништувањето кое го носи во себе.

Држава: Канада
Година: 1975
Времетраење: 87 минути
Режија: Дејвид Кроненберг
Сценарио: Дејвид Кроненберг
Улоги: Пол Хемптон, Џо Силвер, Лин Лори, Барбара Стил, Сју Хелен Петри

Следи МРАКФЕСТ 1.666!



Како некое затурено чудовиште од легендите кое во даден временски интервал испливува на површината за да се нахрани со свежо човечко месо, еве не повторно, точно 6 месеци по Халоуин и првото издание на МРАКФЕСТ! Како што најавивме на 31-ви октомври, оваа шашава пролет ќе ја зачиниме со уште една ревија на страшно добри хорори, секој еден полуд и побесен од претходниот. Трикот на оваа хидра наречена МРАКФЕСТ 1.666 е во тоа што овој пат ќе се свртиме малку назад во времето, кон оние филмски фрикови кои ветриштата на промените ги обвиле во темница, оставајќи ги така зачаурени и спремни во секој момент да скокнат и зграбат кон невината жртва. Сочниот избор на филмови се провлекува преку 4 децении култна хорор кинематографија богата со вампири, зомбија, канибали, Лавкрафтовски светови, Црвенкапи, Канаѓани и двојна доза на секогаш прекрасната Изабела Аџани. Со седиште во Ла Кања од сабота, 28 април до среда, 2 мај, со две проекции дневно од 18ч и 20ч, морничав DJ сет на Игор Калц и Danse Macabre, и пар особено особени изненадувања МРАКФЕСТ 1.666 е тука да ги збере на куп најцрните скопски кошмари.


Програма

Сабота, 28 април

18ч – Холокауст на канибалите (Cannibal Holocaust, 1980)
20ч – Треска (Shivers, 1975)
22ч Крвав бонус DJ сет: Игор Калц и Danse Macabre

Недела, 29 април

18ч – Ноќ на живите мртовци (Night of the Living Dead, 1968)
20ч – Зора на мртвите (Dawn of the Dead, 1978)

Понеделник, 30 април

18ч – Црн сабат (I tre volti della paura, 1963)
20ч – Не гледај сега (Don't Look Now, 1973)

Вторник, 1 мај

18ч – Потстанарот (Le locataire, 1976)
20ч – Во устата на лудилото (In the Mouth of Madness, 1994)

Среда, 2 мај

18ч – Поседување (Possession, 1981)
20ч – Денот на ѕверот (El dia de la bestia, 1995) 

Жедни за уште инфо? Ѕирнете ги следните линкови:
КОШМАР македонски хорор магазин
ЧИВИЛУК
 

Saturday, October 29, 2011

Четврток: Нови варијации...

Саканите (The Loved Ones, 2009)

Во обид да избегне една неочекувана појава на патот, средношколецот Брент го удира автомобилот во дрво, убивајќи го својот татко. Подоцна тој се соочува со емоционалниот колапс на неговата мајка и наоѓа прибежиште во метал музиката и марихуаната за да ја надмине болката и чувството на вина. Пред матурската забава Брент е киднапиран и присилно станува учесник на една поразлична матура во едно извитоперено семјство, прослава која вклучува розово кадифе, светки, шприцови, шајки, бормашини и многу крв. Фантастичен австралијански апдејт на The Texas Chainsaw Massacre.

Режија и сценарио: Шон Бирн
Сценарио: Шон Бирн
Улоги: Ксавиер Самуел, Робин Мекливи, Викторија Тејн
Траење: 84 минути



Подмолно (Insidious, 2011)

Родителите се обидуваат да му помогнат на нивниот син Далтон кој од необјасниви причини паѓа во кома од која никако не може да се разбуди. Тие дознаваат дека има многу повеќе зад бесконечниот сон на нивниот син, па започнуваат да го истражуваат паранормалното и тајните од минатото во кои се крие решението за враќањето на нивниот син. Од екипата што стои зад оригиналниот „Пила“ (Saw), овој олдскул хорор со изразени комерцијални претензии на мошне интересен начин ги комбинира „Полтергајст“, „Кошмар во улица на брестовите“, „Твин Пикс“ па и култниот стрип „Сендмен“ од Нил Гајман.

Режија: Џејмс Ван
Сценарио: Ли Ванел
Улоги: Патрик Вилсон, Роуз Бурн, Тај Симпкинс, Лин Шаје, Ли Ванел, Барбара Херши
Траење: 103 минути



Среда: Француска програма

Висока тензија (Haute Tension, 2003)

Алексија патува со нејзината пријателка Мари за да поминат неколку дена со нејзиното семејство на фарма. Тие пристигнуваат доцна и ги пречекува таткото на Алексија. Подоцна истата ноќ, еден садистички и болен убиец влегува на фармата, го убива семејството на Алексија и ја киднапира Алексија додека Мари успева да се сокрие. Во обид да и помогне на преплашената Алексија, Мари го брка манијакот во француските патишта се до финалната конфронтација кога и конечно го открива неговиот идентитет. „Висока тензија“ е тотално луд психолошки апдејт на The Texas Chainsaw Massacre и иницијатор на францускиот бран ултранасилни хорор филмови.

Режија: Александре Ажа
Сценарио: Александре Ажа, Грегори Лавасер
Улоги: Сесил Де Франс, Мајвен Ле Беско, Филип Нахон
Траење: 91 минута


Маченици (Martyrs, 2008)

Петнаесет години по страшното искуство на киднапирање и пролонгирано измачување, Луси конечно ги наоѓа нејзините мачители и тргнува да им се одмазди заедно со нејзината пријателка Ана. Непредвидлив до самиот крај, ова е можеби најсуровиот, најнихилистичкиот од серијата на извонредни француски хорори во последната декада, дотолку поуспешен што зад прикажаниот ужас се крие и страшно добра поента.

Режија и сценарио: Паскал Ложие
Улоги: Морјана Алаои, Мајлен Јампанои, Катерин Бегин
Траење: 99 минути


Вторник: Хорор во снег!

Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)

Група на студенти истражува и документира серија на убиства на мечки, но следејќи еден мистериозен ловџија ќе сфатат дека во снежните норвешки шуми се кријат многу поопасни суштества. „Ловец на тролови“ е норвешки хорор филм кој одлично го комбинира документарниот стил со компјутерска графика и хуморот со хоророт, создавајќи извонредно забавен филм за гледање.

Реќија: Андре Овердал
Сценарио: Андре Овердал и Хавард С. Јохансен
Улоги: Ото Јасперсен, Роберт Столтенберг, Кнут Нерум
Траење: 103 минути


Замрзнати (Frozen, 2010)

Ден, неговата девојка Паркер и нивниот пријател Џо се последните скијачи на едно ски одморалипте кое рабои само за викендот. Мислејќи дека сите скијачи се имаат спуштено, чуварот ги исклучува ски лифтовите и тројцата остануваат заглавени да висат во еден лифт од недела до петок. Тие се обидуваат на сите можни и невозможни начини да се спасат од безизлезната ситуација. Суров хорор под замрзната и распадната кожа за преживувачите на екстремни ситуации.

Режија и сценарио: Адам Грин
Улои: Шон Ешмор, Ема Бел, Кевин Зегерс
Траење: 93

Понеделник: Халоуинска програма

Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)

Лесли Вернон, сериски убиец во подем, и дава целосен пристап на млада филмска екипа да сними документарец за неговиот живот и планирањето на неговите убиства, притоа деконструирајќи ги конвенциите и архетипите на слешер хорорите. Кога објаснувањата на харизматичниот Вернон ќе преминат на дело, екипата сфаќа во каква опасна ситуација се има вовлечено. Ова е комичен мета-филм со сериски убиец кој чекори по стапките на Мајкл Маерс и Џејсон Ворхес, кој не се плаши да го сподели својот поглед на светот со потенцијалните жртви, и кој конечно обрнува многу внимание на своите кардио вежби!

Режија и сценарио: Скот Глосерман
Улоги: Нејтан Бесел, Анџела Геталс, Зелда Рубинштајн
Траење: 92 минути


Trick 'r Treat (2007)


Филмска антологија посветена на сите нешта поврзани со празникот Халоуин. Следиме пет испреплетени приказни што се случуваат во исто маало за време на празнувањата за Халоуин: млад брачен пар ќе открие што се случува кога ќе се изгаснат свеќите во тиквите пред полноќ, директор во средно училиште води таен двоен живот, девица го пронаоѓа вистинскиот дечко, тинејџери претеруваат со нивната шега, мистериозно детенце се појавува на вратата на еден старец... Со истенчено чувство за динамика и традициите на страшниот расказ, Trick 'r Treat е современа класика и задолжителен филм за Халоуин!

Режија и сценарио: Мајкл Доерти
Улоги: Ана Пакин, Брајан Кокс, Дилан Бејкер
Траење: 82 минути

Неделна програма

Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)

Документарен филм кој застанува цврсто во одбрана на хорор жанрот како форма на уметност чија примарна функција е да ги одразува набилданите проблеми, грижи и анксиозности на општеството. Големите хорор режисери (Ромеро, Карпентер, Крејвен, Кроненберг, Хупер) дискутираат за филмовите од '60-те и '70-те години на минатиот век и нивното влијание врз денешното општество.

Режија и сценарио: Адам Сајмон
Се појавуват: Џорџ Ромеро, Џон Карпентер, Вес Крејвен, Дејвид Кроненберг, Тоби Хупер
Траење: 73 минути


Жената (The Woman, 2011)

Сензација од филмскиот фестивал во Санденс! Адвокат од едно мало планинско место заробува девојка која била дел од насилно племе кое живее во шумата со децении. Тој се обидува да ја „цивилизира“ и на тој начин своето преплашено семејство го става во опасност. Овој филм претставува силна дисекција на насилството и злоупотребата на женскиот пол во современото општество и како таков важи за еден од најзначајните филмови на 2011 година воопшто.

Режија: Лаки МекКи
Сценарио: Лаки МекКи и Џек Кечам
Улоги: Полијана Мекинтош, Анџела Бетис, Шон Бриџес
Траење: 101 минута

Halloween Warm-up!


Во склоп на првата вечер од МРАКФЕСТ, оваа недела ќе имаме и едно мало фино загревање за Халоуин! Значи, штом заврши проекцијата на The Woman, се притиска на педала до 11 и почнуваме со прописна прахелоуинска журка на која и вештерките од Црната Шума би и позавиделе. Тргаме од Bobby Boris Pickett, шибаме преку The Cramps и цела низа на Хелоуин химни, а завршуваме со Dead Skeletons, Hawkwind и вашите најомилени темнопсиходелични хитови!

Добивате бонус поени ако дојдете со маска!

Tuesday, October 25, 2011

Во ЛА КАЊА од 30 октомври до 3 ноември!


ПРОГРАМА

Недела, 30 октомври

17ч - Отварање на Мракфест и муабети за хорор филмот со Ѓорѓи Јаневски, Јане Алтипармаков, Златко Ѓелески и Ивица Дукоски
18ч - Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)
20ч - Жената (The Woman, 2011)
22ч - Халоуин загревање со Игор Калц и Danse Macabre

Понеделник, 31 октомври

18ч - Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)
20ч - Trick 'r Treat (2007)

Вторник, 1 ноември

18ч - Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)
20ч - Замрзнати (Frozen, 2010)

Среда, 2 ноември

18ч - Висока тензија (Haute tension, 2003)
20ч - Маченици (Martyrs, 2008)

Четврток, 3 ноември

18ч - Саканите (The Loved Ones, 2009)
20ч - Подмолно (Insidious, 2011)
22ч - МРАК со Теа Шалдева и Симеон Митев

Детален преглед за сите филмови и настани следи во текот на следните 46,5 часа.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Халоуин се ближи...


На 31 октомври ќе се обележи годинешната ноќ на вештерките, Халоуин! Во западната хемисфера подготовките за овој настан (журка?!) се во полн ек: се подготвуваат Jack O' Lantern тикви, бизнисите со маски и украси печатат пари колку за цела година, а хорор фриковите си ја планираат листата на олдскул хорори што ќе се гледаат. „Дали Creepshow на Ромеро и Кинг е подобра варијанта од Scream 4?“

Ни ние не заостануваме премногу со подготовките. Како и лани, се спремаат DJ сетови и слушалки, остриме ножеви и мериме тикви на кило, а овој пат ни следи и еден прописен хорор маратон во форма на МРАКФЕСТ, првата ревија на хорор филмови во Скопје од падот на Троја наваму! Со седиште во Ла Кања од 30 октомври до 3 ноември, со две проекции дневно од 18ч и 20ч, жанровски муабети и бајаги Халоуинска музика, МРАКФЕСТ во текот на 5 дена ќе биде неофицијален фестивал за љубителите на хоророт и темниот трилер. Што точно и како ќе се случува ќе постираме во следните ден-два, а во меѓувреме наострете си ги секирите и мачетите: Халоуин се ближи...