Saturday, October 29, 2011

Четврток: Нови варијации...

Саканите (The Loved Ones, 2009)

Во обид да избегне една неочекувана појава на патот, средношколецот Брент го удира автомобилот во дрво, убивајќи го својот татко. Подоцна тој се соочува со емоционалниот колапс на неговата мајка и наоѓа прибежиште во метал музиката и марихуаната за да ја надмине болката и чувството на вина. Пред матурската забава Брент е киднапиран и присилно станува учесник на една поразлична матура во едно извитоперено семјство, прослава која вклучува розово кадифе, светки, шприцови, шајки, бормашини и многу крв. Фантастичен австралијански апдејт на The Texas Chainsaw Massacre.

Режија и сценарио: Шон Бирн
Сценарио: Шон Бирн
Улоги: Ксавиер Самуел, Робин Мекливи, Викторија Тејн
Траење: 84 минути



Подмолно (Insidious, 2011)

Родителите се обидуваат да му помогнат на нивниот син Далтон кој од необјасниви причини паѓа во кома од која никако не може да се разбуди. Тие дознаваат дека има многу повеќе зад бесконечниот сон на нивниот син, па започнуваат да го истражуваат паранормалното и тајните од минатото во кои се крие решението за враќањето на нивниот син. Од екипата што стои зад оригиналниот „Пила“ (Saw), овој олдскул хорор со изразени комерцијални претензии на мошне интересен начин ги комбинира „Полтергајст“, „Кошмар во улица на брестовите“, „Твин Пикс“ па и култниот стрип „Сендмен“ од Нил Гајман.

Режија: Џејмс Ван
Сценарио: Ли Ванел
Улоги: Патрик Вилсон, Роуз Бурн, Тај Симпкинс, Лин Шаје, Ли Ванел, Барбара Херши
Траење: 103 минути



Среда: Француска програма

Висока тензија (Haute Tension, 2003)

Алексија патува со нејзината пријателка Мари за да поминат неколку дена со нејзиното семејство на фарма. Тие пристигнуваат доцна и ги пречекува таткото на Алексија. Подоцна истата ноќ, еден садистички и болен убиец влегува на фармата, го убива семејството на Алексија и ја киднапира Алексија додека Мари успева да се сокрие. Во обид да и помогне на преплашената Алексија, Мари го брка манијакот во француските патишта се до финалната конфронтација кога и конечно го открива неговиот идентитет. „Висока тензија“ е тотално луд психолошки апдејт на The Texas Chainsaw Massacre и иницијатор на францускиот бран ултранасилни хорор филмови.

Режија: Александре Ажа
Сценарио: Александре Ажа, Грегори Лавасер
Улоги: Сесил Де Франс, Мајвен Ле Беско, Филип Нахон
Траење: 91 минута


Маченици (Martyrs, 2008)

Петнаесет години по страшното искуство на киднапирање и пролонгирано измачување, Луси конечно ги наоѓа нејзините мачители и тргнува да им се одмазди заедно со нејзината пријателка Ана. Непредвидлив до самиот крај, ова е можеби најсуровиот, најнихилистичкиот од серијата на извонредни француски хорори во последната декада, дотолку поуспешен што зад прикажаниот ужас се крие и страшно добра поента.

Режија и сценарио: Паскал Ложие
Улоги: Морјана Алаои, Мајлен Јампанои, Катерин Бегин
Траење: 99 минути


Вторник: Хорор во снег!

Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)

Група на студенти истражува и документира серија на убиства на мечки, но следејќи еден мистериозен ловџија ќе сфатат дека во снежните норвешки шуми се кријат многу поопасни суштества. „Ловец на тролови“ е норвешки хорор филм кој одлично го комбинира документарниот стил со компјутерска графика и хуморот со хоророт, создавајќи извонредно забавен филм за гледање.

Реќија: Андре Овердал
Сценарио: Андре Овердал и Хавард С. Јохансен
Улоги: Ото Јасперсен, Роберт Столтенберг, Кнут Нерум
Траење: 103 минути


Замрзнати (Frozen, 2010)

Ден, неговата девојка Паркер и нивниот пријател Џо се последните скијачи на едно ски одморалипте кое рабои само за викендот. Мислејќи дека сите скијачи се имаат спуштено, чуварот ги исклучува ски лифтовите и тројцата остануваат заглавени да висат во еден лифт од недела до петок. Тие се обидуваат на сите можни и невозможни начини да се спасат од безизлезната ситуација. Суров хорор под замрзната и распадната кожа за преживувачите на екстремни ситуации.

Режија и сценарио: Адам Грин
Улои: Шон Ешмор, Ема Бел, Кевин Зегерс
Траење: 93

Понеделник: Халоуинска програма

Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)

Лесли Вернон, сериски убиец во подем, и дава целосен пристап на млада филмска екипа да сними документарец за неговиот живот и планирањето на неговите убиства, притоа деконструирајќи ги конвенциите и архетипите на слешер хорорите. Кога објаснувањата на харизматичниот Вернон ќе преминат на дело, екипата сфаќа во каква опасна ситуација се има вовлечено. Ова е комичен мета-филм со сериски убиец кој чекори по стапките на Мајкл Маерс и Џејсон Ворхес, кој не се плаши да го сподели својот поглед на светот со потенцијалните жртви, и кој конечно обрнува многу внимание на своите кардио вежби!

Режија и сценарио: Скот Глосерман
Улоги: Нејтан Бесел, Анџела Геталс, Зелда Рубинштајн
Траење: 92 минути


Trick 'r Treat (2007)


Филмска антологија посветена на сите нешта поврзани со празникот Халоуин. Следиме пет испреплетени приказни што се случуваат во исто маало за време на празнувањата за Халоуин: млад брачен пар ќе открие што се случува кога ќе се изгаснат свеќите во тиквите пред полноќ, директор во средно училиште води таен двоен живот, девица го пронаоѓа вистинскиот дечко, тинејџери претеруваат со нивната шега, мистериозно детенце се појавува на вратата на еден старец... Со истенчено чувство за динамика и традициите на страшниот расказ, Trick 'r Treat е современа класика и задолжителен филм за Халоуин!

Режија и сценарио: Мајкл Доерти
Улоги: Ана Пакин, Брајан Кокс, Дилан Бејкер
Траење: 82 минути

Неделна програма

Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)

Документарен филм кој застанува цврсто во одбрана на хорор жанрот како форма на уметност чија примарна функција е да ги одразува набилданите проблеми, грижи и анксиозности на општеството. Големите хорор режисери (Ромеро, Карпентер, Крејвен, Кроненберг, Хупер) дискутираат за филмовите од '60-те и '70-те години на минатиот век и нивното влијание врз денешното општество.

Режија и сценарио: Адам Сајмон
Се појавуват: Џорџ Ромеро, Џон Карпентер, Вес Крејвен, Дејвид Кроненберг, Тоби Хупер
Траење: 73 минути


Жената (The Woman, 2011)

Сензација од филмскиот фестивал во Санденс! Адвокат од едно мало планинско место заробува девојка која била дел од насилно племе кое живее во шумата со децении. Тој се обидува да ја „цивилизира“ и на тој начин своето преплашено семејство го става во опасност. Овој филм претставува силна дисекција на насилството и злоупотребата на женскиот пол во современото општество и како таков важи за еден од најзначајните филмови на 2011 година воопшто.

Режија: Лаки МекКи
Сценарио: Лаки МекКи и Џек Кечам
Улоги: Полијана Мекинтош, Анџела Бетис, Шон Бриџес
Траење: 101 минута

Halloween Warm-up!


Во склоп на првата вечер од МРАКФЕСТ, оваа недела ќе имаме и едно мало фино загревање за Халоуин! Значи, штом заврши проекцијата на The Woman, се притиска на педала до 11 и почнуваме со прописна прахелоуинска журка на која и вештерките од Црната Шума би и позавиделе. Тргаме од Bobby Boris Pickett, шибаме преку The Cramps и цела низа на Хелоуин химни, а завршуваме со Dead Skeletons, Hawkwind и вашите најомилени темнопсиходелични хитови!

Добивате бонус поени ако дојдете со маска!

Tuesday, October 25, 2011

Во ЛА КАЊА од 30 октомври до 3 ноември!


ПРОГРАМА

Недела, 30 октомври

17ч - Отварање на Мракфест и муабети за хорор филмот со Ѓорѓи Јаневски, Јане Алтипармаков, Златко Ѓелески и Ивица Дукоски
18ч - Американскиот кошмар (The American Nightmare, 2000)
20ч - Жената (The Woman, 2011)
22ч - Халоуин загревање со Игор Калц и Danse Macabre

Понеделник, 31 октомври

18ч - Позади маската: подемот на Лесли Вернон (Behind the Mask: The Rise of Leslie Vernon, 2006)
20ч - Trick 'r Treat (2007)

Вторник, 1 ноември

18ч - Ловец на тролови (Trolljegeren, 2010)
20ч - Замрзнати (Frozen, 2010)

Среда, 2 ноември

18ч - Висока тензија (Haute tension, 2003)
20ч - Маченици (Martyrs, 2008)

Четврток, 3 ноември

18ч - Саканите (The Loved Ones, 2009)
20ч - Подмолно (Insidious, 2011)
22ч - МРАК со Теа Шалдева и Симеон Митев

Детален преглед за сите филмови и настани следи во текот на следните 46,5 часа.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Халоуин се ближи...


На 31 октомври ќе се обележи годинешната ноќ на вештерките, Халоуин! Во западната хемисфера подготовките за овој настан (журка?!) се во полн ек: се подготвуваат Jack O' Lantern тикви, бизнисите со маски и украси печатат пари колку за цела година, а хорор фриковите си ја планираат листата на олдскул хорори што ќе се гледаат. „Дали Creepshow на Ромеро и Кинг е подобра варијанта од Scream 4?“

Ни ние не заостануваме премногу со подготовките. Како и лани, се спремаат DJ сетови и слушалки, остриме ножеви и мериме тикви на кило, а овој пат ни следи и еден прописен хорор маратон во форма на МРАКФЕСТ, првата ревија на хорор филмови во Скопје од падот на Троја наваму! Со седиште во Ла Кања од 30 октомври до 3 ноември, со две проекции дневно од 18ч и 20ч, жанровски муабети и бајаги Халоуинска музика, МРАКФЕСТ во текот на 5 дена ќе биде неофицијален фестивал за љубителите на хоророт и темниот трилер. Што точно и како ќе се случува ќе постираме во следните ден-два, а во меѓувреме наострете си ги секирите и мачетите: Халоуин се ближи...